Статус на Бујар Османи на фејсбук упатува на тоа дека „математички“за ДУИ би било сеедно дали во идната влада ќе колицира со СДСМ и Беса или со ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Друго прашање е дали ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица би нашле заеднички јазик за Рамковниот и за договорите со Грција и Бугарија
Со статус кој упатува на тоа дека ДУИ се смета за одлучувачки фактор за составување на идната влада се огласи вечерва на фејсбук портпаролот на оваа партија Бујар Османи, веднаш откако ДИК ја објави првичната распределба на мандати во новиот парламент, согласно со резултатите од вчерашните избори.
Османи, всушност, посочува дека СДСМ и Беса, односно коалицијата „Можеме“, практично, има ист број мандати (46) колку што би имале и ВМРО-ДПМНЕ (44) и Левица, која стана парламентарна партија освојувајќи два мандати. Од тоа произлегува дека барем „математички“ за ДУИ би било сеедно дали во идната влада ќе колицира со СДСМ и Беса, за кои Османи наведува дека поединечно имаат 42 плус 4 пратеници или со ВМРО-ДПМНЕ и со Левица. Односно, дека и во двата случаи крајниот резултат би бил 61 пратеник, што е минимумот за формирање парламентарно мнозинство и за добивање на мандатот за формирање влада.
Друго прашање е дали Левица, покрај ВМРО-ДПМНЕ, би можела да биде соодветен партнер на ДУИ, со оглед на ставовите, што посебно ги промовираше идниот пратеник Димитар Апасиев со кои, освен Рамковниот договор, се оспоруваат и договорите со Бугарија и со Грција, кои ја овозможија деблокадата на евроатлантските перспективи на државата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, во Програмата за овие избори излезе со недефиниран став во однос на Преспанскиот и на Договорот за добрососедство со Бугарија, кои ги опструираше во периодот додека траеше нивното донесување и имплементација.
Османи не одговори досега на прашањето што му го упативме – дали неговиот статус на фејсбук може да се свати како навестување дека ДУИ би прифатила да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Од друга страна, за време на кампањата, лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека би прифатил коалиција со ДУИ, доколку партијата на Али Ахмети се откаже од условот за избор на премиер по етнички клуч.
Во статусот на ФБ, Османи посочува и дека Алтернатива на Зијадин Села поединечно има освоено осум мандати, додека другите четири мандати се кај Алтернатива на Африм Гаши.