Помалку општини се украсени за новогодишните празници во споредба со претходната година, но парите потрошени за оваа намена се зголемени, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Градските власти во Скопје и во 20 општини низ државата за празничното декорирање на улиците и на плоштадите издвоиле вкупно 675 илјади евра. Интересен е податокот според кој 91 % од овие пари завршиле на контото на две скопски фирми – „Линк медиа плус“ и „Метал-вет-ел“.

Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажува дека лани за украси и осветлување Градот Скопје и 26 општини издвоиле 615 илјади евра, додека оваа година главниот град и шест општини помалку од минатата година, според тендерската документација, дале 10 отсто повеќе пари – или 675 илјади евра.
Вкупната вредност на договорите не е конечна и се можни мали варијации бидејќи кај две општини е донесена одлука за избор на најповолна понуда и се знае која фирма го добила тендерот, но известувањето за склучен договор сѐ уште не е објавено на Електронскиот систем за јавни набавки.

Околу 490 илјади евра, односно 73 % од парите за новогодишното украсување биле потрошени во Скопје. Освен градските власти, средства издвоиле и општините Центар, Аеродром, Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари.
Скопје секоја година се украсува се поскапо
Разбирливо, Град Скопје предничи со 285 илјади евра, односно со 42 % од вкупните средства за оваа намена. Впечатливо е дека во последните 5 години тендерите ги добива една иста фирма, но сумата на договорите се менува и има тренд на постојан пораст, се истакнува во анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Според податоците, вредноста на договорот за украсување на градот за дочекот на Новата 2020 година е за речиси 70 % поголема од договорот склучен за дочекот на Новата 2016 година.

Исти фирми секоја година ги добиваат тендерите за новогодишно украсување
Гледано од аспект на фирмите кои украсуваат за Нова година, како и минатата година, најголем број договори има „Метал-вет-ел“, но вредносно најголем удел има скопската фирма „Линк медиа плус“.
„Метал-вет-ел“ има склучено 9 договори за новогодишно украсување (во 2018 година има склучено 11 договори) во вкупна вредност од 190.737 евра (3 % повеќе од претходната година). „Линк медиа плус“, пак, има склучено 5 договори (во 2018 година имала 2 договори) во вредност од 424.828 евра (41 % повеќе од претходната година).
Податоците покажуваат дека освен тоа што договорите постојано ги добиваат истите фирми, продолжува и навиката на задоцнето објавување на огласите за јавна набавка на новогодишно украсување. Тоа, според Центарот за граѓански комуникации, неповолно влијае врз конкуренцијата и ги оневозможува потенцијалните понудувачи потемелно да ја подготват реализацијата на договорите. Оттука, како што укажуваат од Центарот, очекувано е на тендерите со вака кратки рокови да аплицираат само фирми кои веќе ги имаат во резерва новогодишните украси.
По Град Скопје најголеми договори за украсување имаат склучено скопските општини Центар и Аеродром, истиснувајќи ги општините Карпош и Струмица, кои лани беа на втората односно третата позиција. Ваквата промена се случува бидејќи Општина Центар по пауза од 2 години спроведе тендер за новогодишно украсување, а Општина Аеродром, пак, значително ја зголеми вредноста на договорот и за разлика од минатогодишните 31.467 евра сега за украсувањето потроши 48.519 евра односно 54 % повеќе.
