Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, попладнево е спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, потврдија од затворската управа за „360 степени“.
Тој се наоѓа во приемното одделение и, според протоколите за заштита од ковид-19, како што објаснуваат од затворот, 10 дена ќе биде сам во ќелија.
Исто така, во Шутка е спроведен и сопственикот и управител на „Инвока гроуп“, Даниел Станчев. И тој ќе биде сместен согласно мерките за ковид-19.
Нивното спроведување во затворот следува откако денеска Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција во Основниот суд во Скопје ја прифати жалбата на обвинителството и куќниот притвор им го замени со ефективен во траење од 30 дена.
Рашковски и Станчев се двајца од вкупно четворицата осомничени за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци од Генералниот секретаријат на Владата.
Обвинителството истрагата ја отвори во четвртокот, а во петокот двајцата беа изведени пред судија на претходна постапка. Тогаш Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бараше притвор, но судијата на претходна постапка им одреди куќен, по што следуваше жалба од обвинителката Ивана Трајчева.
Во истрагата се осомничени уште две лица, меѓу кои е и хонорарец во Владата, на чија фирма се води џипот за кој објавивме дека го вози Рашковски. Хонорарецот Игор Христов и уште другото осомничено лице, пак, добија мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, одземање на пасошите и други патни исправи и забрана за издавање на нови, како и забрана за преземање работни обврски поврзани со кривичното дело.
- Двајца од осомничените во случајот со Рашковски останаа без пасоши и со забрана за напуштање на живеалиште
- (ВИДЕО) Џипот што го вози Рашковски е на име на еден од „тајните хонорарци“ во Владата
Истрагата дојде по неполн месец од отворање на предистрагата по допрен глас што, пак, следуваше по објавата на „360 степени“ за спорниот тендер за набавка на софтверот.