Неприфатливо е да се носат одлуки спротивни на препораките на Комисијата за заразни болести, вели министерот за економија Крешник Бектеши коментирајќи го барањето на угостителите да можат да организираат веселби според постојните протоколи за работа, кои важат за сите угостителски објекти.
Бектеши уверува дека ќе продолжи финансиската поддршка за угостителите, но дека засега не може да се прифатат барањата да се дозволат вакви настани.
„И во други наврати сме навеле и сега ќе повторам, дека за нас, како Влада секако е неприфатливо да донесеме спротивни одлуки од тоа што го предлага Комисијата за заразни болести. Како што беше во четвртиот сет економски мерки и сега со петтиот сет економски мерки, секако дека тие дејности што ќе бидат затворени со одлука на Владата по предлог на Комисијата ќе бидат дополнително поддржани од страна на Владата со цел да бидат ликвидни, но истовремено и да ги зачуваат работните места“,
изјави Бектеши.
Заменикот-министерот за здравство Илир Хасани рече дека сите барања се разгледуваат интензивно и се следи епидемиолошката состојба и дека во овој момент не може да се отворат рестораните за свадби.
Протоколи за вакви ресторани, смета заменик-министерот, е многу тешко да се спроведат поради самиот чин на свадбите, кој тешко се контролира.
„Од здравствен аспект, ние како Влада го ставаме здравјето пред сè. Еве, денес постави прашање некој од шефовите на такви свадбарски ресторани дали вие би почувствувале мир и спокој во душата кога ќе излезете од една свадба во 12 часот навечер после 300 луѓе коишто се гушкале и се развеселиле. Јас не би се чувствувал мирен после таков настан. Јас ќе стојам сè додека не се подобри епидемиолошката состојба во Република Македонија, јас стојам на мислењето на Комисијата дека треба да не се отвораат овие свадбарски ресторани, иако барањето е многу коректно, затоа што тие им се единствен приход на тие бизниси“,
изјави заменик министерот Хасани.