Во Собранието во тек е седницата за предлог-законот за јавно обвинителство на која најголем дел од дискусијата се сведува на обвинувања помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и независната „осумка“ за случајот „Рекет“, за работата на СЈО, за „бомбите“, но и низа лични прозивки.
Пратеничката Даниела Рангелова, која е обвинета во предметот „Насилство во Центар“, од говорницата побара сите засегнати со предметите да се воздржат од дискусија.
„Жал ми е што гледам како колеги од ВМРО-ДПМНЕ, од пратеничката група или независни, учествуваат во едно самоуништување на партијата. Сакам ова да престане веднаш, имаме за што да зборуваме, личните работи да си ги оставиме за дома. Сметам дека е принципиелно сите, дали се обвинети, дали се во некоја истражна или предистражна постапка, да не влегуваат во расправа зашто граѓаните ќе кажат дека го зборуваат тоа пристрасно“,
рече Рангелова.
Од инволвираните во случаите на СЈО што ги споменува пратеничката досега најгласен беше осомничениот во „Моќник“, Антонио Милошоски, кој, пак, обвинуваше дека власта сака да го донесе законот бидејќи во член 110 се предвидува нелегални снимки да не бидат основа за обвинение со што, според него, Зоран Заев и соработниците сакаат да се спасат од одговорност.
Илија Димовски, пак, како осомничен во „Титаник“ и „Талир“, смета дека не е во ред со законот да има различен третман бидејќи се предвидува „бомбите“ да бидат доказ во случаите за кои се покренати обвиненија до 30 јуни 2017, а за другите истраги да послужат како индиции.
*Поврзани вести:
Милошоски и Мукоски се „бомбадираа“ со обвинувања од собраниската говорница
Независните го нападнаа Милошоски: Ја зароби ВМРО-ДПМНЕ, законот за ЈО е твоја лична борба