Независната група пратеници, која беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по гласањето за уставните измени, во продолжението на собраниската седница за законот за јавно обвинителство, жестоко го нападна пратеникот Антонио Милошоски.
Тој претходно од говорница бараше да пушти аудиоснимка за Зоран Заев, обвинуваше за вмешаност во „Рекет“ и го нападна Крсто Мукоски, кој е дел од исклучената „осумка“, па пратеничките Нола Исмајлоска-Старова и Емилија Александрова побараа од него да води дебата на ниво и да не мавта со материјали. А, го потсетија и дека тој лично и ВМРО-ДПМНЕ барале „бомбите“ да не бидат доказ, нешто на што денеска се противат.
„Во преговорите за формирање на СЈО и вие лично учествувавте и славевте кога беше формирано обвинителството. Кога зборуваме за законот, очекував од Вас да слушнеме и некои аспекти за законот затоа што во март 2018 вие предложивте прислушуваните материјали да бидат само индиции и да не бидат докази. Во член 110 се предлагаше промена за незаконски материјали, член 110 и сега ги обработува материјалите за кои Мицкоски во изјави во април лани зборуваше дека бомбите не треба да бидат докази. Затоа треба да бидеме искрени и да ја вратиме дебатата на ниво. Ако веќе мавтате со материјали и вакво е нивото, и ние имаме материјали и ние ќе ги читаме“,
рече Исмајлоска-Старова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
И нејзината колешка Емилија Александрова се вклучи во расправата и порача дека во однесувањето на Милошоски гледа „очајници како се борат за своите животи, како се борат да се спасат од своите криминали“.
„Многу ми е жал што се обидувате да избегнете суштинска дебата за овој закон, вие не кажавте ништо за овој закон, не сакам ни да помислам дека не сте го ни прочитале. Вие овој закон го претворивте во ваша лична борба. Со кое право решивте да ја уништувате нашата партија? Вие сте таму само за вашите лични привилегии. Вие ја искрививте мојата слика како треба да изгледа еден политичар, напуштете ја партијата, ја заробивте, немате право тоа да ѝ го правите на моја партија“,
рече Александрова.
Милошоски, пак, ја обвини Александрова, алудирајќи дека таа е играч на Сашо Мијалков, бидејќи нејзиниот сопруг му е роднина, а денеска Мијалков е бизнис-партнер на Заеви, па ни СДСМ повеќе не го споменува во своите соопштенија.