Албанија во моментов има 975 дози на вакцина, кои ги добила од пријателска земја која не сакала нејзиното име да биде јавно соопштено, но, како што рече Рама, не станува збор за донација од Грција
Албанскиот премиер Еди Рама меѓу првите ќе ја прими вакцината против ковид-19 во Албанија. Вакцинацијата во соседната земја треба да започне попладнево, а покрај премиерот ќе се вакцинира и министерката за здравство Огерта Манастирлиу.
„Ќе се вакцинирам, можеби преку ред, зашто со оваа имунизација планирано е прво да се опфатат здравствените работници, но тоа ќе го сторам во знак на сензибилизација за сите скептици. Секако дека тоа ќе го сторам само за да дадам јасна порака дека не само што е безбедно туку и е оружје за уништување на овој невидлив непријател. Министерката Манастирлиу и сите други ќе чекаат ред, зашто не може да влезат и да го земат она што им припаѓа на лекарите, медицинските сестри, полицајците“,
рече Рама.
Албанија во моментов има 975 дози на вакцина, кои ги добила од пријателска земја која не сакала нејзиното име да биде јавно соопштено, но, како што рече Рама, не станува збор за донација од Грција.
Наредната недела, пак, се очекува да пристигнат и над 10 000 вакцини директно од „Фајзер“.
„Вакцинацијата ја почнуваме со 975 дози, а од истата пријателска земја очекуваме уште две илјади, додека на почетокот на следната недела ќе пристигнат 10 750 дози вакцина од ’Фајзер‘. Доколку дојдеме во ситуација да имаме поголема количина вакцини, ќе ги поделиме со Косово“,
најави Рама.
