Од раководството на „Железници транспорт“ велат дека бојкотот на железничарите е незаконски и најавија оти дополнително ќе известат кои возови, почнувајќи од утре, не сообраќале во патничкиот и товарниот сообраќај, со име и презиме на машиновозачот и помошник-машиновозачот кои требале да ги опслужуваат тие возови
Од раководството на „Железници транспорт“ денеска преку соопштение информираа дека од 15:00 часот е започнат, како што наведоа, незаконски штрајк од страна на машиновозачите и помошниците машиновозачи во „ЖРСМ транспорт“, затоа што, како што велат оттаму, штрајкот писмено не е најавен.
Железничкиот сообраќај попладнево од 15 часот е во целосен прекин, откако машинскиот и извршниот персонал е повторно на бојкот заради неисплатените материјални трошоци и прв дел од платата за минатиот месец. Оттаму посочија дека бојкотот ќе трае сè додека нивните барања не бидат исполнети.
„Незаконитиот прекин на работа, односно штрајк, не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ‘ЖРСМ транспорт’ АД-Скопје и не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите“,
оценија од „ЖРСМ транспорт“.
Тие информираа дека со почетокот на штрајкот не сообраќаат сите возови во патничкиот и товарниот сообраќај и најавија дека „дополнително ќе известат кои возови почнувајќи од утре не сообраќале во патничкиот и товарниот сообраќај, со име и презиме на машиновозачот и помошникот машиновозач кои требале да ги опслужуваат тие возови“.
„ЖРСМ Транспорт ја известува јавноста дека во услови на пандемија, енергетска и светска безбедносна криза, редовно ги исплаќаат платите и надоместоците на вработените, иако Друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и зголемени трошоци по однос на користење на електричната енергија и нафтата, кој инпут енормно ги зголемува вкупните трошоци во редовното работење“,
наведува ЖРСМ Транспорт во соопштението и дополнува дека во целост е исплатена платата за јануари годинава.
Поради неисплатените материјални трошоци за минатиот месец машинскиот и извршниот персонал во „Железници транспорт“ неколку часа ја блокираше работата и минатата недела во петок, но бојкотот беше прекинат по ветувањето што го добиле од раководството за исполнување на поставените барања.
Како што претходно изјави претседателот на Синдикатот на машиновозачи на Македонија, Тони Димовски, железничарите стапуваат во бојкот согласно со одлуката што ја доставија до раководството во ноември лани, а според која, доколку до 10 во месецот не им бидат исплатени материјалните трошоци за претходниот месец, ќе ја прекинат работата наредниот ден.
Исто така, според одлуката, доколку до 25 во тековниот месец не им биде исплатена платата за претходниот месец во целост, наредниот ден ќе стапат во бојкот.