За само една недела ќе одржиме исклучително важни избори, а сега е време да ги слушнеме партиите со амбиции да владеат, како ќе ја надминат политичката криза и околу што ќе се обединат за да постигнат владејачко мнозинство. Сега е време да се обединиме пред кризата, пред сите ризици и закани, порача бугарскиот претседател
Одлуките на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација ќе го ескалира конфликтот и е безбедносна закана со тешко предвидливи последици, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев, по денешната консултативна средба во неговиот Кабинет, јави БГНЕС.
Радев нагласи дека е неприфатливо повторно да се игра на картата на нуклеарна закана, три децении по завршувањето на Студената војна. Според него, колку и да изгледа апсурдна оваа закана, не може да се игнорира.

Радев, како што јавија бугарските медиуми, е дециден дека Бугарија нема да ги признае резултатите од референдумите што Русија ги одржува на заземените украински територии.
„Референдумите во борбена зона, каде што гранати паѓаат покрај гласачките кутии, се правен апсурд и Бугарија нема да ги признае”,
рече Радев.
Тој предупреди дека заедно со ескалацијата на конфликтот, растат и ризиците за регионот, за Европа и за светот.
„Иако во моментов нема директна воена закана за безбедноста на земјата, овие ризици се проценуваат и се преземаат мерки за нивно минимизирање. Бугарија работи напорно да ја гарантира својата безбедност преку зајакнување на националниот одбранбен капацитет и исполнување на обврските во системот за колективна безбедност на НАТО“,
рече Радев.
Тој посочи дека ризиците од војната во Украина не се ограничени само на воената безбедност.
„Како одговорна членка на ЕУ, Бугарија е дел од заедничката надворешна политика и го поддржува режимот на санкции на Унијата. Но, Европа е должна, паралелно со воведувањето на санкциите, да бара активни механизми за минимизирање на ризикот од овие санкции, бидејќи самата таа го загрозува нејзиниот индустриски капацитет и одбранбена способност“,
рече шефот на државата.
Тој изјави дека расте економската и социјалната нестабилност и дека цената на ескалацијата повторно ќе ја платат граѓаните кои се поотворено ја изразуваат својата вознемиреност и незадоволство од превисоките цени, а Радев нагласи дека Бугарија е меѓу најпогодените.
„Ескалацијата на конфликтот може да влијае не само на испораките на гас, туку и на испораките на нафта и производството на гориво во Бугарија… Сето тоа значи дополнително продлабочување на економската и социјалната криза“,
предупреди тој.
Исто така, тој посочи дека преодната влада прави максимални напори да ги ублажи ефектите од овие кризи во „своите временски и регулаторни рамки“. Затоа, додаде тој, од круцијална важност е Бугарија да има парламент и стабилна редовна влада.
„За само една недела ќе одржиме исклучително важни избори, а сега е време да ги слушнеме партиите со амбиции да владеат, како ќе ја надминат политичката криза и околу што ќе се обединат за да постигнат владејачко мнозинство. Сега е време да се обединиме пред кризата, пред сите ризици и закани. Сега е време партиите да ги привлечат граѓаните за да се постигне таков одѕив што ќе им даде доволен легитимитет на идниот парламент и влада да донесе тешки, но важни стратешки одлуки со долгорочен хоризонт“,
рече Радев.
На средбата кај Радев присуствуваа премиерот Галаб Донев, вицепремиерот за економски политики и вршител на должноста министер за транспорт и врски Христо Алексиев, вицепремиерот за јавен ред и безбедност и вршител на должноста министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, заменик министерот-за социјални политики и в.д. за труд и социјална политика Лазар Лазаров, министерот за одбрана Димитар Стојанов, министерот за енергетика Росен Христов, министерот за економија и индустрија Никола Стојанов, заменик министерот за надворешни работи Велислава Петрова.
Министерот за одбрана во преодната влада на Бугарија, Димитар Стојанов пред два дена кажа дека најавената делумна мобилизација од Владимир Путин во Русија нема директна закана за Бугарија, но оти постои ризик за националната безбедност.
Рускиот претседател Владимир Путин на 21 септември најави делумна воена мобилизација во Руската Федерација бидејќи земјата се соочува со продолжен конфликт во Украина и областа Донбас. Во делумната мобилизација треба да бидат вклучени околу 300 илјади резервисти.