Според бугарскиот претседател, преодната влада за само два месеци изградила стабилна основа, од која следната редовна влада би требало да може да ја води земјата во текот на зимата без посебни потешкотии
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, најави дека на парламентарните партии ќе им ги обезбеди сите услови според Уставот, за да имаат доволно време за дијалог и разговори за формирање стабилно мнозинство за влада.
Радев идната недела по разговорите со партиите ќе соопшти кога ќе го свика 48. Народно собрание на Бугарија.
„Сега не е време за малодушност и за теснопартиски калкулации. На Бугарија и треба работен парламент, бидејќи на него почива нашиот уставен модел на управување. Време е да преземеме одговорност и за политичка храброст“,
рече Радев.
Тој посочи дека резултатот од изборите не дава можност лесно да се коалицира, но луѓето очекуваат дијалог, разбирање, разум и изнаоѓање заеднички решенија и интереси.
„И овие избори, за жал, не успеаја да го прекинат трендот на отуѓување од партиите и од власта. Она што е позагрижувачки е што подигнувањето нови црвени линии и барањето на сите можни причини за одбивање на коалициите го издаваат стравот партиите да преземат одговорност за управувањето во зима“,
рече тој.
Според бугарскиот претседател, преодната влада за само два месеци изградила стабилна основа, од која следната редовна влада би требало да може да ја води земјата во текот на зимата без посебни потешкотии.
Според резултатите од Централната изборна комисија (ЦИК) во Бугарија, седум партии ќе влезат во 48. состав на бугарското Народно собрание.
Прво место е коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов со 25,34 отсто освоени гласови на изборите. Втора политичка сила е Продолжуваме со промените на Кирил Петков со 20,2 отсто. ДПС има 13,75 отсто.
Четврта партија, според обработените гласовите е популистичката Преродба со 10,17 отсто, а зад неа е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 9,3 отсто.
Како шеста на овие избори, заврши Демократска Бугарија со 7,45 отсто.
Новата партија на политичката сцена, Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, пак, со освоени 4,63 отсто е последната партија која ќе влезе во парламентот со свои пратеници.
Под цензусот од 4 отсто, кој е потребен за освојување пратенички мандати, и на 99,84 обработени гласови, останува Има таков народ на Слави Трифонов која освои 3,83 отсто.
Катастрофален резултат на овие избори имаше и ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов со освоени само 0,81 отсто од гласовите.