Според бугарскиот претседател, на притисокот може да се одолее доколку „се има јасни позиции кои го имаат предвид бугарскиот интерес“
Бугарија минатата година беше изложена на сериозен притисок во врска со ветото на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, но го издржавме тој притисок, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев, додавајќи дека треба да се види дали и Владата ќе го издржи притисокот, јави БНТ.
„И јас и преодната влада многу добро ги покажавме и објаснивме позициите на Бугарија, затоа мора да се прифатат. Се работи за човекови права, говор на омраза… Тоа се работи кои се неспоиви со европските принципи и вредности. Очекувам Владата да го реализира и брани бугарскиот интерес“,
изјави Радев додавајќи дека тој има јасна политика во однос на РСМ и ќе продолжи да ја брани.
Тој додава дека лани притисокот бил уште поголем, но тој и преодната влада издржале два последователни совети за проширување
Според него, на притисокот може да се одолее доколку „се има јасни позиции кои го имаат предвид бугарскиот интерес“.
„Сепак, останува да се види дали владата ќе го издржи притисокот“,
додаде Радев.
За изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека е веќе доста бидејќи земјава направи сè што можеше и не можеше да се направи, Радев само кусо одговори: „Крајно непримерно е да ѝ се поставуваат ултиматуми на Бугарија“.