Пред мандатарот Даниел Митов да го добие мандатот од Радев, бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, во живо на Фејсбук, од болницата каде што вчера беше опериран од спортска повреда, ги објави кандидатите за министри, меѓу кои е и Захариева
На Красимир Каракачанов му било понудено да ја задржи досегашната функција, но тој одбил бидејќи неговата партија не влезе во собранието
Бугарскиот претседател Румен Радев му го даде мандатот на мандатарот за новата бугарска влада од ГЕРБ, Даниел Митов, и изрази очекување дека за седум дена, како што предвидува Уставот, тој ќе предложи состав на новата влада, која, како што рече, „очекува да ја води земјата и да ја извлече од сегашната криза“.
Претходно, бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, во живо на Фејсбук, од болницата каде што вчера беше опериран од спортска повреда, ги објави кандидатите за министри.
Според предлог-листата за состав на кабинетот, кандидат за вицепремиер и министер за одбрана е Румен Христов, лидер на СДС, коалицискиот партнер на ГЕРБ во новиот состав на парламентот.
Борисов рече дека на Красимир Каракачанов му понудил да ја задржи функцијата министер за одбрана, но тој го одбил предлогот тврдејќи дека го прифаќа изборот на гласачите, кои не дозволија неговата партија ВМРО да влезе во овој состав на собранието.
Екатерина Захариева е предложена да ја задржи функцијата министер за надворешни работи, досегашниот министер за внатрешни работи Христо Терзиски е вториот човек од доверба кој треба да ја задржи функцијата, како и Костадин Ангелов за министер за здравство, додека Кирил Ананиев останува бугарски министер за финансии.
Новите лица што ќе треба да ја преземат енергијата и економијата се Делијан Добрев и Жечко Стојанов. Томислав Дончев е предложен да продолжи да биде одговорен за фондовите на ЕУ и во оваа бугарска влада, доколку биде изгласана во парламентот. Љубен Дилов ќе го преземе Министерството за туризам, а познатиот млад музичар Калин Велов ќе треба да ја преземе функцијата министер за култура.
Засега ниту една од партиите во бугарскиот парламент не изрази желба да ја поддржи владата на ГЕРБ.
Викендов Бугарската социјалистичка партија (БСП) објави дека ќе гласа против предлогот за нова влада на ГЕРБ, а ќе ја поддржат онаа на „Има таков народ“ на Слави Трифонов, но нема да учествуваат во неа.
Поддршката за Трифонов бугарските социјалисти ја условуваат со пет барања.