Митриќески рече дека е длабоко убеден дека оваа награда ги обврзува нив како добитници да дадат уште поголем придонес и да ги поттикнат идните генерации да останат во земјава
Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието денеска ѝ беше доделена на проф. д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста на филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Д-р Рабије Мурати е редовна професорка на Универзитетот во Тетово. Таа има напишано неколку научни педагошки книги, помеѓу кои се „Методите на воспитната работа“, „Демократизација на образовните институции во Република Македонија“, „Демократизација на воспитно-образовниот систем во РМ“ и други.
Филмскиот режисер Антонио Митриќески има режирано повеќе филмови помеѓу кои се „Преку Езерото“, „Како лош сон“ и „Деца на сонцето“. Тој напишал три универзитетски учебници за филмот како уметност, книга за теорија и практика на документарен филм и има издадено три збирки поезија.
Наградите во Собранието на Република Северна Македонија ги додели Томислав Османли, претседател на Одборот за државната награда „Св. Климент Охридски“.
„Силно верувам дека образованието, науката и уметноста може да инспиририраат и да ги поттикнат луѓето да прават големи работи, заради тоа, се надевам дека еден ден во нашата земја ќе се отвори подлабока релација за вклучување на образованието, науката и уметноста“,
рече Митриќески, заблагодарувајќи се за наградата.
Тој истакна дека е длабоко убеден дека оваа награда ги обврзува нив како добитници да дадат уште поголем придонес и да ги поттикнат идните генерации да останат во земјава.