Во случај Москва повторно да се повлече од договорот за извоз на жито, рускиот претседател Путин вели дека тоа нема да го попречи извозот на жито од Украина до Турција
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва го задржува правото повторно да се повлече од договорот за испорака на жито со посредство на Турција, но иако го стори тоа, извозот на жито од Украина до Турција не би бил попречен, јави Ројтерс.
Во замена за повторно приклучување кон договорот за извоз на жито, Путин изјави дека Русија побарала гаранции оти Украина нема да ги напаѓа деловите на Црното Море опфатени со Договорот.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган претходно изјави дека Русија од денеска ќе го врати своето учество во договорот за извоз на жито од Украина преку Црното Море постигнат со посредство на Обединетите нации, откако за тоа го информирал рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Во меѓувреме државната руска новинска агенција Тасс пренесе соопштение од руското Министерство за одбрана во кое се вели дека Москва добила писмени гаранции од Украина дека нема да ги користи хуманитарните коридори и пристаништа за воени операции против Русија.
„Беше можно да ги добиеме потребните писмени гаранции од Украина за некористење на хуманитарниот коридор и украинските пристаништа, утврдени во интерес на извоз на земјоделски производи, за воени операции против Руската Федерација. Руската Федерација смета дека добиените гаранции во моментот се чини дека се доволни и продолжува со спроведувањето на договорот“,
било наведено во соопштението на Министерството за одбрана на Русија.
Руското Министерство за одбрана на 29 октомври објави дека земјата одлучила да го суспендира договорот со Украина за извоз на жито и други земјоделски производи од украинските пристаништа на Црното Море – договор кој е од витално значење за снабдувањето со храна во светот.
Русија соопшти дека таа одлука уследила откако украинските сили ги нападнале бродовите на Крим, кој е окупиран од Русија. Оттаму посочија дека некои од нападнатите бродови се цивилни бродови вклучени во обезбедувањето на „коридорот за жито“ за да се овозможи извоз од три украински пристаништа на Црното Море.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, пак, вчера изјави дека Москва не го прекинала учеството во договорот со Украина за извоз на жито од Црното Море, туку го суспендирала.
Претходно, Европската Унија и НАТО изразија длабока загриженост поради одлуката на Русија да го суспендира договорот, а украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече потегот на Русија „апсолутно транспарентна намера на Русија повторно да и се закани на Африка и Азија со глад“.
На обновување на договорот повика и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, според кого благодарение на него се извезени над осум милиони тони жито и се намалија глобалните цени на храната.
Русија и Украина во јули годинава се согласија за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од оваа земја. Договорот беше потпишан од министри од двете земји на 22 јули, а е со посредство на Обединетите нации и Турција.
Украинскиот извоз на жито опадна откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари и ги блокираше нејзините пристаништа на Црното Море, што ги зголеми светските цени на храната. Со потпишувањето на договорот меѓу Киев и Москва, три црноморски пристаништа беа деблокирани.