На крајот на краиштата, самиот Путин во своето обраќање јасно кажа: Јас не блефирам, истакна претседателот на Чешка, Милош Земан, додавајќи дека руската политика станува сè поирационална
Путин можеби не блефира кога му се заканува на светот со нуклеарно оружје, предупреди чешкиот претседател Милош Земан додавајќи дека руската политика станува сè поирационална.
„За жал, ирационалноста е сè поприсутна во руската политика. Токму затоа не се осмелувам да тврдам дека нуклеарното заплашување е само блефирање. На крајот на краиштата, самиот Путин во своето обраќање јасно кажа: Јас не блефирам“,
рече Земан во интервју за чешкиот дневен весник „Млада фронта днес“.
Според него, делумната воена мобилизација во Русија што ја најави Путин, а во која ќе бидат вклучени околу 300 илјади резервисти, е резултат на воените неуспеси на земјата во Украина. Воедно, нагласи Земан, ниту една демократска земја не може да ги признае референдумите во окупираните украински области кога тие се организираат под вооружен притисок.
„Опасни се тие закани со нуклеарно оружје под многу транспарентен изговор: овие окупирани територии по референдумот се руски и во согласност со нашата доктрина, ние сме должни да ја браниме руската територија со секое оружје. Референдумите организирани под вооружен притисок не може да ги признае ниту една демократска земја“,
додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин на 21 септември најави делумна воена мобилизација во Руската Федерација бидејќи земјата се соочува со продолжен конфликт во Украина и Донбас. Путин рече дека Русија има помодерно оружје од она на НАТО и дека доколку постои закана за територијалниот интегритет на Русија ќе бидат искористени сите средства.
„Тоа не е блеф“,
истакна тој во обраќањето до јавноста.
Во четирите украински области контролирани од Москва и проруските сили утринава започна гласањето на референдумите за приклучување кон Русија, референдуми кои Западот ги осуди како нелегитимни и лажни и оцени дека тие се организираат за потоа да следи и нивна нелегална анексија.