„Ако некој мисли дека е можно да се достави такво оружје во воена зона за да се нападне наша територија и да ни се создаде проблем, зошто ние немаме право да испорачаме ист тип на оружје во земји од светот од каде што може да бидат нападнати тие (западни) земји?“, вели рускиот претседател
Русија може да ги искористи сите расположливи средства за да се одбрани доколку биде загрозен нејзиниот суверенитет или територијален интегритет. Ова го изјавил рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Ројтерс, критикувајќи ја одлуката на одредени западни земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Германија, да ѝ дозволат на Украина да го користи нивното оружје за да гаѓа цели во Русија.
Рускиот претседател посочил дека нема желба да го нападне НАТО, како и дека одговорот на испораките на оружје со долг дострел за Украина може да биде асиметричен. Сепак, ако тоа се случи, како што рече Путин, може да се појават многу сериозни проблеми.

„Ако некој мисли дека е можно да се достави такво оружје во воена зона за да се нападне наша територија и да ни се создаде проблем, зошто ние немаме право да испорачаме ист тип на оружје во земји од светот од каде што може да бидат нападнати тие (западни) земји?“,
рече Путин.
Сепак, рускиот претседател не прецизира на кои земји Москва може да им испорача оружје.
Путин во својата изјава посебно ја издвои Германија, која неодамна ѝ дозволи на Украина да го користи нејзиното оружје со долг дострел за да гаѓа цели во Русија.
„Тоа дефинитивно ги уништува руско-германските односи“,
додаде рускиот претседател.
Американскиот претседател Џозеф Бајден ѝ даде дозвола на Украина да користи оружје од Америка за да напаѓа цели во Русија, но само во близина на регионот Харков, каде што руските сили веќе неколку недели се во офанзива.
Сепак, Белата куќа соопшти дека Украина не може да користи ракети со долг дострел во други делови на руската територија.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, за време на посетата на Киев на 3 мај, изјави дека Украина има право да го користи оружјето што го дава Велика Британија за да напаѓа цели во Русија, но и, како што рече, од Киев зависи дали ќе го стори тоа.
Украина ја обвинува Русија дека користи севернокорејски ракети за напади, а западните разузнавачки служби тврдат дека во првата година од војната Русија користела и ирански дронови „шахед“.
Инаку, според рускиот претседател, Западот греши кога мисли дека Русија никогаш не би употребила нуклеарно оружје.
„Западот верува дека Русија никогаш нема да го искористи. Имаме нуклеарна доктрина, погледнете што вели таа. Тоа не треба да се сфаќа лесно, површно. Не треба да правите непријател од Русија. Вие само си наштетувате, дали разбирате?“,
рече тој.
Украина, исто така, се обидува да развие сопствено оружје фокусирајќи се на беспилотни летала, за да гаѓа цели во Русија. Некои украински беспилотни летала нападнаа руски нафтени постројки и воени цели стотици километри оддалечени од границата. Еден од најдалекусежните обиди беше напад на радарска станица во градот Орск, на 1 800 километри од границата со Украина.