Засега никој не е уапсен во врска со инцидентот во неделата, но полицијата се сомнева дека нападот бил насочен кон конкретна цел
Дванаесет лица се повредени во пукање во ноќен клуб во Батон Руж, соопштија властите во американската сојузна држава Луизијана.
Една од жртвите е во критична состојба, соопшти полицијата.
Засега никој не е уапсен во врска со инцидентот во неделата, но полицијата се сомнева дека нападот бил насочен кон конкретна цел.
„Ова не беше случаен чин на насилство, врз основа на прелиминарните податоци од истрагата. Сметаме дека ова беше насочен напад, каде што некој беше конкретна цел, а други беа повредени во тој процес“,
рече началникот на полицијата во Батон Руж, Марфи Пол на прес-конференција.
Тројца полицајци од Батон Руж, кои биле во близина кога се случил нападот околу 1:30 часот по полноќ, интервенирале во ноќниот клуб „Диор бар и ланџ“ и им дале помош на повредените до доаѓањето на медицинските екипи.
Полицијата поради истрагата не кажува колку напаѓачи отвориле оган во ноќниот клуб.
„Го разбирам интересот и сите што сакаат информации, но не можам да дадам информации во овој момент“,
рече Пол.
Градоначалничката на Батон Руж, Шерон Вестон Брум, која се состана минатата недела во Вашингтон со колегите од другите големи американски градови за да разговараат за прашањето на криминалот, го нарече пукањето „бесмислен чин на насилство што нема да остане без одговор“.
„Нема да застанеме додека не направиме сите да се чувствуваат безбедно и да ги спречиме поединците да користат оружје за да ги решат своите разлики“,
напиша таа на Твитер.
Иако бројот на убиства во Батон Руж се намали во текот на 2022 година во однос на претходната година, главниот град на американската сојузна држава Луизијана сепак забележа голем број на злосторства поврзани со насилство.
Во октомври, девет лица беа ранети во пукање рано наутро во близина на кампусот на Јужниот универзитет.