Гевгелија денеска го регистрираше првиот случај на заболен од коронавирус. Станува збор за девојка, која реши да им се обрати на дел од своите сограѓани и да им порача да не ги осудуваат лицата кои се заразиле од овој вирус и да не се стимулира стигматизација кон нив.
Како што јавува струмичката телевизија Вис, девојката по име Марија се огласила во гевгелиската фејсбук-група „Лафум гивгилиски и не са замарум“ и таму појаснила дека пред една недела била до Скопје да земе потребни работи и остварила контакт само со едно лице.
Кога се вратила дома во Гевгелија, за два дена добила покачена температура и веднаш се пријавила во Центарот за јавно здравје и заедно со нејзиното семејство се самоизолирале. Денеска го добила одговорот дека е позитивна на ковид-19.
„Ги известивме сите лица со кои сме контактирале и јас и моето семејство и тие утре ќе се тестираат. Не судете, никого не сум заразила намерно, вирусот е невидлив и е насекаде. И јас сум исплашена, исто како и вие и ова што се случува во светот не го измислив јас“,
вели Марија.
Таа им порачува на сите што ќе почувствуваат симптоми веднаш да се пријават за тестирање.
*Поврзана вест: Први случаи на коронавирус во Струмица и Гевгелија