Ахмети останува на ставот дека услов за коалиција е премиер Албанец, вели Насер Зибери во интервју за „Утрински брифинг“, но посочува дека не се затворени сите врати.
„Со информациите со кои располагам, господинот Ахмети останува на идејата јас да бидам идниот мандатар и досега нема отстапување од таа идеја. Се разбира, не се затвораат сите врати. Впрочем, продуктот создавање парламентарно мнозинство е резултат на преговори и тие преговори ќе ги дадат идните резултати. Но, неговите аргументи одат во насока јас да бидам идниот мандатар од причина што претседател на државата по етничка припадност е Македонец, претседателот на Собранието би бил Македонец, многу носители на јавни функции… Господинот Ахмети смета дека државата треба да ги руши последните етнички бариери и да нема резервирана позиција во државата за една или за другата заедница, а тоа ќе ги зајакне внатрешните капацитети и државата ќе докаже дека секоја функција е еднакво достапна за секој“,
вели Зибери.
Тој посочи дека ДУИ смета дека би било добро да продолжи соработката со досегашниот коалициски партнер со кој, како што вели, се затворија отворени прашања со соседите. Сепак, потенцираше дека тоа не значи дека се исклучува можноста и за соработка со друг партнер.
„Моја политичка визија за иднината е градење хармонични меѓуетнички односи и на простор каде што секој ќе се чувствува рамноправен. Но, во исто време, и градење надворешна политика како НАТО и ЕУ. Овие се приоритети без кои не се може понатаму, а тоа подразбира дека навистина треба да се залагаме на внатрешен план да изградиме такви инструменти кои ќе обезбедат перспектива за сите граѓани, а на надворешен план некои клучни прашања кои ни гарантираат перспектива за градење европски вредности не можат да бидат доведени во прашање, а не дај Боже и да се поништат – како Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија и други елементи кои одат во функција на градење ваква политика со вакви определби. Овие прашања се темел за градење на иднината на земјата, тука нема простор за преговори. Секој субјект што може да се најде во овие определби е наш потенцијален соработник“,
вели Зибери.
На прашањето дали се калкулира можноста ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да си разменат пратеници и со коалиција со други албански партии ДУИ да се потисне во опозиција, Зибери вели дека никој нема право да тргува со „главите“ на пратениците.
„За нас не е најважно дали ДУИ ќе биде дел од идната коалиција. Прво, за нас е важно дали ќе се валоризираат политичките определби за тоа што е наша аспирација. Има еден џентлменски договор меѓу партиите како Алијанса-Алтернатива, ДУИ и останатите партии, дека оној што ќе добие макар еден глас повеќе, а не мандат, ќе се помири со фактот дека ги изгубил изборите и дека нема да чека на ред кој мандатар ќе ја покани која партија на преговори за составување на идната влада. На тој план политичките партии на Албанците имаат еден консензус. Дали ќе опстанат, не можам да гарантирам, но секако се свесни за реперкусиите и политичката перспектива која може да им се случи доколку без легитимитет бидат носители на извршната власт, а ДУИ ја потиснат во опозиција. Можноста од преземање пратеници од лево кон десно или десно кон лево, мислам дека би било најлошата услуга што може да ѝ се случи на државата. Ние сме длабоко убедени дека волјата на граѓаните треба да се испочитува и нема право ниту Заев, ниту Мицкоски, ниту Ахмети да бараат пратеник повеќе за да може да формираат влада. Треба да се почитува и начелото победник со победник“,
рече Зибери.