Одлуката е донесена откако во државата е регистрирано зголемување на бројот на лица заразени со новиот коронавирус, иако повеќе од половина Израелци веќе примиле две дози на вакцина против ковид-19
Носењето заштитни маски на јавни места во затворен простор од денеска повторно е задолжително во Израел.
Одлуката е донесена откако во државата е регистрирано зголемување на бројот на лица заразени со новит коронавирус, иако повеќе од половина Израелци веќе примиле две дози на вакцина против ковид-19.
„Поради зголемувањето на бројот на заразени, Министерството за здравство донесе одлука од денеска напладне маските повторно да бидат задолжителни во затворен простор“,
се вели во соопштението на израелското Министерство за здравство.
Во последниве денови делта-сојот на коронавирусот сè повеќе се шири во земјата и има повеќе од 550 активни случаи, додека неодамна имаше помалку од 200.
За време на најголемата криза минатата зима, бројот на активни случаи беше повеќе од 85 000.
Израелските власти неодамна препорачаа да се вакцинираат сите деца на возраст од 12 до 15 години, а Министерството за здравство објави дека „во специфични ситуации“ ќе треба да бидат ставени во карантин и оние кои биле вакцинирани или оние кои прележале ковид-19.
Вчера израелската Влада одлучи да ја одложи одлуката за отворање на границите за вакцинирани туристи пред 1 август поради зголемувањето на бројот на заразени, најмногу со делта-сојот.