По масовната вакцинација на населението, Израел ја укина обврската за носење заштитна маска на отворен простор, а за првпат после една година, целосно се отвораат и училиштата за настава со физичко присуство на ученици. Според препораките од здравствените власти, учениците сепак ќе треба на часови да седат на дистанца и со маски, но ќе можат да ги извадат за време на часовите по физичко, кога јадат и на одморите помеѓу часовите.
Сепак според препораките на министерството за здравство, останува обврската маски да се носат во затворен простор, но и на отворено кога се одржуваат поголеми собири.
Досега во Израел се вакцинирани повеќе од половина граѓани. 5,3 милиони граѓани веќе примиле прва доза вакцина против ковид 19, а 4,9 милиони примиле две дози.
Здравствените власти во Израел предупредуваат на поголема внимателност и носење маски при близок контакт, потенцирајќи дека има уште 20 проценти од наставниците кои не се вакцинирани. За идниот месец најавуваат и почеток на вакцинација на децата на возраст од 12 до 15 години.