Попладнево со почеток во 18 часот на покривот на Домот на градежници во Скопје ќе се одржи првиот концерт на отворено, а граѓаните од околината ќе можат да го следат од своите балкони.
„Младиот скопски музичар и некогашен фронтмен на бендот „Д Џон“, Лепи Џони, ќе одржи едночасовен соло-концерт за станарите од Градски ѕид. Ги повикуваме нашите сограѓани од околните згради да му дадат поддршка на овој млад скопски уметник“,
порачаа од Град Скопје.
Концертот ќе биде достапен на фејсбук-страницата на Град Скопје и на официјалниот јутјуб-канал на Град Скопје.
Оттаму велат дека за два дена стасале повеќе од 100 апликации од млади уметници од Скопје за јавниот повик наречен „Култура во време на корона“.
Идејата на акцијата, како што велат од Градот, е да се поддржат уметниците што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, а преку овие ангажмани да добијат хонорар од 14 500 денари.