Што се случува ако добиете две дози на вакцина од различни производители?
Зошто да се мешаат вакцините од различни производители? Според научниците, мешањето на дозите овозможува поголема флексибилност кога станува збор за распределување резерви на вакцини, што би овозможило повеќе лица да се вакцинираат, односно дека дозите нема да пропаднат.
Исто така, иако научно не е докажано, се вели дека, барем за некои од вакцините, примањето на втора доза од друг производител може да произведе посилен имунолошки одговор.

Пример за ова тврдење е студијата спроведена во Шпанија наречена „Комбивакс“, со која раководеше шпанскиот државен здравствен институт „Карлос III“. Истражувачите откриле дека давањето втора доза „Фајзер“ на лица што примиле прва доза од „Астра Зенека“ е исклучително безбедно и ефикасно, но исто така и дека имунолошкиот одговор е помеѓу 30 и 40 пати поголем отколку во контролната група на луѓе што примале само една доза на „Астра Зенека“.
Дали има несакани ефекти?
Прашањето што многумина го поставуваат е дали мешањето на дозите може да предизвика несакани ефекти.
Владата на Велика Британија спонзорира едно од најраните и најголемите испитувања за мешање вакцини (она што експертите го нарекуваат „хетеролошко дозирање“), кое се фокусира на проблемот со несакани ефекти.
Прелиминарните резултати од оваа студија, предводена од истражувачи на Универзитетот во Оксфорд, покажаа дека луѓето што примиле вакцина „Фајзер“, а потоа и „Астра Зенека“ или обратно, имаат поголема веројатност да имаат несакани ефекти по втората доза отколку луѓето што примале две дози од иста вакцина, објавува медицинско списание „Лансет“.
Овие реакции вклучуваат симптоми слични на грип, како што се треска, болки во мускулите и општо чувство на слабост. Истражувачите велат дека ниту еден од овие несакани ефекти не е сериозен, опишувајќи ги како „лесни до умерени“. Тие, исто така, наведуваат дека реакциите траат кратко, најмногу неколку дена.
Научниците предупредуваат и дека во студијата биле вклучени само луѓе постари од 50 години и дека е можно помладите да реагираат поинаку.
Комбинација „Астра Зенека“ – „спутник В“
„Астра Зенека“, исто така, спроведува клиничко испитување кое треба да ги покаже ефектите од комбинирањето на оваа вакцина со руската вакцина „спутник В“.

Научниците велат дека овој вид мешање и совпаѓање на дозата е возможно затоа што повеќето вакцини против ковид-19 одобрени за употреба досега предизвикуваат имунолошки одговор на истиот дел од коронавирусот: спајк-протеинот.
Истражувачите се особено заинтересирани да видат дали мешаното дозирање обезбедува подобар имунолошки одговор кај вакцините што користат модифициран аденовирус за да доставуваат упатства до клетките за производство на спајк-протеини. Вакцините „Астра Зенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „спутник В“ користат различни видови на аденовирус.

Научниците претпоставуваат дека по првичната доза од вакцини врз база на аденовирус, во телото се развива имунолошки одговор на аденовирус, како и на спирален протеин на коронавирус.
„Овој имунолошки одговор е проблематичен бидејќи може да значи дека кога едно лице прима втора доза на вакцина базирана на аденовирус, имунолошкиот систем го насочува и го оневозможува аденовирусот пред да им наложи на клетките на телото да создадат коронавирусен протеин, со што втората доза е помалку ефикасна“,
вели Стефан Грифин, вонреден професор по медицина на Универзитетот во Лидс, кој не е поврзан со клиничкото испитување.
Тој смета дека дека со користење различен аденовирус во другата доза или друга технологија за вакцинирање тоа може да се избегне.