Бојкотот е најлошото решение кое може да го има во парламентарна демократија, бидејќи ако сакате да ги подобрите и смените состојбите, тоа треба да го направите во рамки на системот, рече меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти потпретседателот на СДСМ, кој вели дека опозициската партија не може да го сокрие масовното богатење на своите функционери
Протестите што ги организира опозицијата ќе создадат дополнителна свест кај власта дека некои работи не одат во соодветна насока, рече Тимчо Муцункски, пратеник и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гоствање на „Топ-тема“ на Телма. Наспроти тоа, пратеникот и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски оцени во истата емисија дека опозициските протести се за внатрепартиска употреба, со оглед на постизборните превирања во ВМРО-ДПМНЕ.
Протестите, рече Муцунски, се демократски модел што го користеле опозициски партии во Македонија низ политичката историја, го користат и ширум светот.
„Тоа е еден поинаков модалитет на изразување на незадоволството за состојбите во општеството од дејствувањето во Собранието, а јас велам дека едното со другото можат да бидат комплементарни. Сметам дека бојкотот е најлошото решение кое може да го има во парламентарна демократија, бидејќи ако сакате да ги подобрите и смените состојбите и да нудите демократски отпор тоа треба да го направите во рамки на системот“,
истакна Муцунски.
Тој рече дека дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ како опозиција нема да биде само реактивно, односно дека нема да се чека само Владата да предлага закони.
„Ние ќе нудиме и предлог-законски решенија и тоа ќе биде интересно за нашите граѓани да следат како многу законски решенија кои ќе бидат понудени пред парламентот ќе ги подобруваат состојбите“,
додаде Муцунски.
Манчевски, пак, рече дека правото на протест е легитимно за секој граѓанин, за секоја опозиција, но протестите што периодов ги прави ВМРО-ДПМНЕ, според него, се само за вантрешна употреба на раководствот на партијата.
„Ние само што имавме избори пред два месеци и само што го конституиравме новиот собраниски состав. Мислам дека овие протести се само за внатрешна употреба во ВМРО-ДПМНЕ. Раководството на партијата е јавно изложено со барања за промени и конгрес и нормално е тоа, по секои избори, особено по изборен пораз, да барате доверба од членството. Последниот протест им беше најавен како борба против сиромаштија, а протестира со скапи луксузни автомобили. Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ не може да го сокрие, масовното богатење на нивни партиски фукционери.Таквиот протест беше ексклузивен партиски настан на раководството на ВМРО-ДПМНЕ“
рече Манчевски.