Прашањето за договорот со Бугарија се актуализираше, откако бугарскиот министер за одбрана, Красимир Карачанов рече дека Бугарија ќе го блокира македонскиот пат кон ЕУ ако нема напредок по историските прашања
Владата преговара за Делчев, а очите на јавноста се далеку од тоа што за нашата земја е суштински важно. Нашите историчари заслужуваат поддршка, затоа што Гоце е столбот на македонизмот, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук-профил и најави протест во вторник.
Маршот вели ќе почне од Министерството за правда, па ќе продолжи по мостот “Гоце Делчев”, за да заврши пред Министерството за надворешни работи.
„Ова е протест на народот, целта е за ЕУ, за Македонија, за Делчев. Гоце е црвената линија за нашето достоинство. Се гледаме!“,
порача Мицкоски.
Ова е ќе биде трет протест на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на „жешката есен“ што ја најави Мицкоски. Минатата недела партијата протестираше пред Регулаторната комисија за енергетика со барање да се врати старата цена на струјата.
Прашањето за договорот со Бугарија пак, денови се актуализираше, откако бугарскиот министер за одбрана Красимир Карачанов рече дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ ако не се постигне согласност во разговорите во рамки на Мешовитата експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања.
Премиерот Зоран Заев, пак, е оптимист и дека верува оти ќе се најде решение со Бугарија, со кое двете страни ќе излезат победници. Тој во гостувањето на МРТВ испрати порака до Бугарија дека македонската страна е подготвена да се најде решение и за Гоце Делчев.
Запрашан дали би прифатил Гоце Делчев да биде Бугарин се со цел влегување во Европската унија, Заев повтори дека решение ќе се најде.
„Треба со пријателите пријателски и верувам дека ќе изнајдеме решение. Со тоа што вие го кажавте Бугарија добива. Треба двете страни да бидат среќни. Не да биде поразена Бугарија, ниту Северна Македонија, и Македонците кои зборуваат македонски јазик. Немаат проблем со оваа работа. Нема дилеми, зборуваат многу често за македонскиот јазик. Пријатели сме ќе најдеме решение“,
рече премиерот.