Народот не го сака „Рио Тинто“, рече Јовановиќ од „Еколошко востание“ и посочи дека го чекаат моментот на формално правно решавање на проектот „Рио Тинто“, за како што вели конечно да го исфрлат и од главите и од државата
Еден од основачите на српското здружение „Еколошко востание“, Александар Јовановиќ, изјави дека повлекувањето на Просторниот план на градот Лозница со кој е предвидена изградбата на рудникот за ископување литиум не е конечно решение, пренесува српската Н1. Тој рече дека ќе се протестира сè додека проектот на компанијата „Рио Тинто“ не биде правно завршен.
„Ние бараме конечно решение. Оваа агонија наречена „Рио Тинто“ време е да заврши. Подобро тоа да го направиме сега, отколку да одолговлекуваме со постапките на Вучиќ кои одат во недоглед“
изјави Јовановиќ за српската агенција Бета, а пренесува Н1.
Тој истакна дека сè е во рацете на претседателот Вучиќ, кој целата приказна „ја следи низ призма на изборите и поради тоа се согласува на сè“. Јовановиќ додава дека тие веќе го протерале „Рио Тинто“, но единствено е прашање на време кога ќе се реши и правно.
Јовановиќ најави нов протест за во сабота во 14 часот пред српската влада, каде главното барање ќе биде поништување на сите управни акти кои Србија и ги издала на компанијата „Рио Тинто“.
Народот не го сака „Рио Тинто“, рече Јовановиќ и посочи дека го чекаат моментот на формално правно решавање на проектот „Рио Тинто“ за како што вели конечно да го исфрлат и од главите и од државата.
Тој додаде дека нема потреба да се одржува претходно најавениот протест во Лозница поради тоа што Просторниот план на градот ќе биде повлечен.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во вторникот најави дека Просторниот план на Лозница ќе биде повлечен, како и дека државата во иднина поинаку ќе разговара со компанијата „Рио Тинто“ и со компании слични на неа.
Масовните протести кои се случуваа изминатите седмици на територијата на цела Србија, меѓу другото беа за повлекување на законот за експропријација и за воведување измени во законот за референдум. Освен тоа, се протестираше и за спречување на изградба на рудник за ископување на литиум во градот Лозница. Протести имаше во над 50 градови ширум Србија а во дел од нив имаше и поголеми инциденти.