Претходните измени на овој закон, кои беа усвоени пред две недели, ги потпиша претседателот Александар Вучиќ, но потоа им предложи на владата и на собранието да ги доработат и изменат прописите
Српскиот парламент денеска ги усвои измените за Законот за референдум. На гласањето „за“ гласаа 193 пратеници, односно сите што беа присутни, од вкупно 250 пратеници колку што брои српскиот парламент, пренесува РСЕ.
Со измените на четирите законски члена од Законот за референдум и народна иницијатива се укинати таксите за проверка на потписи, за помалку од четири години нема да може да се распише референдум по исто прашање, додека парламентот во рок од четири години нема да може да донесе поинаква одлука од онаа која е потврдена на референдумот. Со измените на Законот се овозможува и претставниците на овластените предлагачи да бидат дел од телото за спроведување референдум.
Претходните измени на овој закон, кои беа усвоени пред две недели, ги потпиша претседателот Александар Вучиќ, но потоа им предложи на владата и на собранието да ги доработат и изменат прописите.
Претседателот на српското собрание Ивица Дачиќ изјави дека повлекувањето на Законот за експропријација и измените на Законот за референдум треба да бидат добра можност за министрите подобро да ги слушаат барањата на граѓаните во иднина.
„Ова не е првпат да се враќаат некои закони. Постојат многу случаи кога претседателот враќал одредени закони, и тоа е негова уставна надлежност“,
рече Дачиќ.
Тој прецизира дека собранието нема да се изјасни за Законот за експропријација откако претседателот ќе го врати на нова одлука во Собранието и дека може повторно да влезе во процедура кога владата ќе оцени дека е потребно.
Повлекувањето на спорните закони за експропријација и референдум беа причина за масовните протести и блокади кои се случуваа изминатите две седмици во Србија, а нови протести се закажани и за утре.