Според ДЗС, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во февруари годинава изнесувала 69 371 денар

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари годинава изнесувала 46 159 денари, што претставува годишен раст од 7,2 проценти во споредба со истиот месец минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според статистичките податоци, зголемувањето на платите на годишно ниво е најизразено во неколку сектори. Кај административните и помошни услужни дејности растот е 12,3 отсто, кај рударство и вадење камен тој изнесува 10,6 проценти и во секторот снабдување со вода и управување со отпад има раст од 9,4 отсто.
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во однос на претходниот месец е забележано исто така во три сектори. Во земјоделство, шумарство и рибарство намалувањето е за 5,7 отсто, кај други услужни дејности тие биле пониски за пет проценти, а кај уметност, забава и рекреација има намалување за 4,6 отсто.
На графиконот објавен на веб-страницата на ДЗС може да се види дека највисока просечна исплатена месечна нето-плата по вработен има во секторот информации и комуникации и таа изнесува 86 013 денари. По нив се финансиските дејности и дејности на осигурување каде просечната нето-плата е 63 300 денари. Трет сектор е градежништвото каде висината на платата била 57 745 денари.

Според ДЗС, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во февруари годинава изнесувала 69 371 денар.
