Во образложението зошто пропаднал и третиот јавен повик, од службите на Град Скопје како причина ја наведоа нецелосната документација на подносителите на апликациите
На почетокот на минатиот месец, приватните превозници соопштија дека постигнале договор со Град Скопје и изразија очекување оти од 20 март ќе се вратат на скопските улици
Очекувањата на приватните автобуски превозници оти ќе продолжат да сообраќаат по скопските улици кон крајот на март или почетокот на април – пропаднаа. Со нив, пропадна и третиот јавен повик на Град Скопје за нивно повторно вклучување во јавниот градски превоз, откако пред речиси половина година тие престанаа да сообраќаат, барајќи од ЈСП и од Градот исплата на долгот од над еден милион евра.

Во образложението зошто пропаднал и третиот јавен повик, од службите на Град Скопје како причина ја наведоа нецелосната документација на подносителите на апликациите.
„Подносителите на апликациите имаа нецелосна документација. Постапката е во тек, и се надеваме дека набрзо ќе биде успешно спроведена, за што ќе бидете навремено известени“,
велат од Град Скопје.
Денеска на веб-страницата на Град Скопје осамна четвртиот јавен оглас за враќање на приватните превозници. Огласот ги содржи истите услови како и претходниот, а е отворен до 24 април.
Во повикот се бараат превозници за линиите со број 9, 11, 11А, 12, 19, 20, 22, 23, 45, 47А, 52, 54, 55, 61, 63 и 73. За овиие линии ќе бидат потребни 115 автобуси и 245 возачи.
Првите два огласи на Град Скопје за враќање на приватните превозници пропаднаа оти на нив не се пријави никој.
На почетокот на минатиот месец, приватните превозници соопштија дека постигнале договор со Град Скопје и изразија очекување оти од 20 март ќе се вратат на скопските улици.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град.