Дрогата била најдена закопана во земја на местото викано Топо, во атарот на струмичкото село Босилово

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривични пријави против три лица за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Според информациите од МВР, кривичните пријави се однесуваат на И.Ѓ. (26) од селото Ново Конско, кој се товари дека ја организирал набавката на кокаинот, П.Ч. (33) од Гевгелија, кој бил ангажиран со сопствено возило да ја пренесе дрогата и против струмичанецот В.С. (51), кој бил крајната дестинација и задолжен за сокривање на пратката.
По преземањето на кокаинот, В.С. ја сокрил дрогата така што ја закопал во земја на местото викано Топо, во атарот на струмичкото село Босилово. Меѓутоа, по добиени сознанија и преземени активности, полициски службеници од СВР Струмица ја лоцирале закопаната дрога, по што со помош на работни машини таа била ископана, пронајдена и одземена од В.С.
