Ковачевски рече дека на овие избори ќе победи идејата за подобра европска иднина, а Коалицијата за европска иднина ќе ја добие довербата на граѓаните да формира нова проевропска влада на Македонија
Јасниот, конкретен и издржан план за европската иднина, Ковачевски рече дека е претставен во нивната изборна програма
Европската иднина и патот до победата започнува тука и тоа со првиот чекор, а тоа е верба во целта, порача лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната промоција на новата „Програма за европска иднина“. Освен програмата денеска беа промовирани и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина за претстојните парламентарни избори.
„Мотивирани сме да чекориме цврсто по европскиот пат, да продлжиме напред, да не се откажеме и да не губиме надеж. Да се осмелиме да веруваме во подобра иднина за граѓаните, за државата и истата да ја обезбедиме. На овие избори ќе победи идејата за подобра европска иднина. На овие избори Коалицијата за европска иднина ќе ја добие довербата на граѓаните да формира нова проевропска влада на Македонија. Ние заедно одиме напред и велиме – нема откажување од иднината“,
рече Ковачевски пред присутните членови на партијата, колициските партнери и симпатизерите.
Ковачевски рече дека јасниот, конкретен и издржан план за европската иднина е претставен во нивната изборна програма.
„Таа обемна програма е детална, конкретна и содржи голем број мерки во сите области и за сите граѓани. Оваа програма е за сите, за младите, пензионерите, земјоделците, бизнисите, работниците, лицата со попреченост, за жените, мажите, Албанците, Македонците, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите, буквално за сите кои живеат во оваа држава. Ние покажавме дека е можно да се има добар резултат, да се работи напорно за подобро утре“,
додаде Ковачевски.
Според Ковачевски, можностите за економски развој и за подобар животен стандард ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ. Затоа, како што рече, е важно да се продолжи европскиот пат, кој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе, со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности.
„Направивме многу, но знаеме дека има уште многу што да се сработи. Знаеме дека има уште наши сограѓани кои едвај врзуваат крај со крај, кои двојат од своето за да имаат за своите деца. Знаеме дека за нив треба да ги удвоиме напорите и да направиме да е подобро. Нашите граѓани заслужуваат подобро“,
додаде Ковачевски.
Лидерот на СДСМ во обраќањето даде гаранција дека во 2028 година во земјава минималната пензија ќе биде 20 илјади денари, а просечната пензија 30 илјади денари. Дополнително, како што рече Ковачевски, предвидуваме новогодишна поддршка од шест илјади денари за секој пензионер.
Со влезот во ЕУ, Ковачевски рече дека просечната плата ќе изнесува 1 300 евра, а минималната плата 800 евра.
Тој рече дека изминатите седум години ја преполовиле стапката на невработеност и најави дека до 2028 година таа ќе стане едноцифрена.
„За нашите ветувања, можам со сигурност да кажам дека се амбциозни, но се реални и остварливи, затоа што ние сме посветени на европскиот пат, ние знаеме дека немаме друга алтернатива“,
додаде Ковачевски.
Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија, која е и коносител на првата изборната единица, на промоцијата на „Програмата за европска иднина“ ги најави промените со кои ќе бидат опфатени младите луѓе во земјава.
Зајкова најави воведување бесплатен оброк за сите ученици, бесплатна ексурзија, шест илјади денари за секое прваче и девет илајди денари за секој средношколец, како и бесплатен јавен превоз за сите од прво одделение до дипломирањето.
Коалицискиот договор со СДСМ, во средата, го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионерите, ДОМ, ВМРО народна партија, Демократскиот сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партијата за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор, додаваат од партијата, се приклучило и Движењето Нова република.
На 28. конгрес на СДСМ што се одржа минатата сабота партијата ги потврди листите за пратеници и нивните носители. Во првата изборна единица, како што и досега беше познато, листата ќе ја предводи партискиот лидер Димитар Ковачевски, а на позицијата коносител на листа ќе биде претседателката на коалициската Либерално-демократска партија, Моника Зајкова. Изборната единица 2 ќе ја предводи ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а коносител ќе биде партискиот потпретседател и актуелен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.
Носителка на листата на пратеници во третата изборна единица ќе биде заменик-претседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, а Љупчо Николовски, кој е актуелен министер за земјоделство, ќе биде коносител во „тројката“. Листата во „четворката“ ќе ја предводи поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а коносителка во оваа изборна единица ќе биде поранешната министерка и актуелна дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Носител во петтата изборна единица ќе биде актуелниот собраниски спикер Јован Митрески, а на позицијата коносител во „петката“ ќе биде министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојческа. Пратеничката листа на СДСМ во изборната единица 6 ќе ја предводи претседателката на Централниот одбор на партијата и актуелна министерка за одбрана Славјанка Петровска, а коносител ќе биде Агрон Демири.