Министерката додаде дека државната политика веќе неколку години успешно ги насочува младите кон стручното образование, кое е директно поврзано со потребите на пазарот на труд

За да им се олесни изборот на деветтоодделенците при уписите во средно образование, подготвен е онлајн водич за квалификации – kvalifikacii.crso.gov.mk.
Овој онлајн водич е дизајниран како централизирана алатка каде што на едно место се систематизирани сите информации за стручното образование во државата.
Водичот има советодавна улога и им овозможува на учениците и родителите брзо и лесно пребарување според неколку критериуми – сектори, квалификации, региони, училишта и нивоа.
„Верувам дека младите ќе го користат и ќе си го олеснат изборот на средно училиште кога ќе дојде моментот за тоа“,
рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа додаде дека државната политика веќе неколку години успешно ги насочува младите кон стручното образование, кое е директно поврзано со потребите на пазарот на труд.
„Ме радува што овој тип на образование не е само алтернатива за учениците, туку веќе неколку учебни години е прв избор, па така во оваа тековна учебна година од 17 илјади ученици запишани во прва година, околу 12 илјади се запишани во стручни училишта“,
изјави Јаневска.
Таа додаде дека за новата учебна година се обезбедени 25 илјади слободни места, од кои 17 илјади се во стручните училишта, а дури седум илјади во дуалните паралелки со практична настава во над 1 000 компании.
Директорот на Центарот за развој на стручното образование Бесник Зендели вети дека платформата континуирано ќе се ажурира за да остане релевантен извор на информации.
„Денес не промовираме само платформа, денес менуваме начин на размислување“,
нагласи Зендели.
Заменик-амбасадорката на Швајцарија, Михал Харари, посочи дека оваа алатка е голем чекор кон транспарентност и градење доверба помеѓу институциите и граѓаните.
Министерката Јаневска рече дека во водичот се опфатени сите струки и дека се нуди образование за оние профили што се потребни на пазарот на трудот.
„Недостиг постои кај пекари, келнери, заварувачи, бравари, водоводџии, копаничари. Но, недостигаат и модерни струки и затоа воведуваме модерни програми како техничар за видеоигри, за мултимедија, техничар за заштита на животната околина“,
рече таа.
Водичот е изработен од Министерството за образование и наука и Центарот за развој на стручното образование со поддршка од Швајцарската амбасада.
