Според пријавата во полиција, сопственикот на куќата каде се случило убиството, тврдел дека сите заедно биле на лов, а куршумот бил испукан при чистење на ловечка пушка
Основното јавно обвинителство Кичево донесе наредба за спроведување истражна постапка против 21- годишниот Д.Д. од селото Суви Дол, Македонски Брод за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – убиство. Повод за убиството, како што наведуваат од Обвинителството, е банална вербална расправија од приватна природа, а жртвата е 31-годишен професионален војник во АРМ.
„Осомничениот со умисла лишил од живот едно лице во двор на куќа во селото Калуѓерец, нанесувајќи му огнострелна повреда со куршум од ловна пушка. Надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Убиството се случило вчера, а како што претходно соопшти МВР, за случајот биле приведени четири лица, вклучувајќи го и осомничениот.
Но според пријавата во полиција, сопственикот на куќата каде се случило убиството, тврдел дека сите заедно биле на лов, а куршумот бил испукан при чистење на ловечка пушка.
„На 15.07.2024 полициски службеници од ОВР Македонски Брод ги лишиле од слобода Т.Т.(63) од Македонски Брод, А.Т.(39) од Македонски Брод, Д.Д.(21) од с.Суводол, Македонски Брод и И.М.(29) од Кичево, поради сомнение за инволвираност во кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Имено, како што претходно пријавил Т.Т., околу 23.00 часот, во дворот од неговата куќа во с.Калуѓерец, општина Македонски Брод, при чистење на ловечка пушка, пушката испукала еден куршум кој го погодил Д.С.(31) од Кичево, со кого сите заедно биле на лов. Од здобиените повреди Д.С. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош“,
се наведува во полицискиот билтен.
Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Македонски Брод, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.