Празните полици со леб доаѓаат еден ден откако Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари
Утринава полиците за леб во повеќето продавници останаа празни. Единствено можеше да се најде леб што од вчера останал непродаден или, пак, од посебните видови кои се донесени пред неколку дена. Од неколку маркети што ги контактиравме добивме одговор дека утринава дистрибутерите не донеле бел и полубел леб.
Празните полици со леб доаѓаат еден ден откако Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари.
Од групацијата на мелничко-пекарската индустрија во понеделникот на прес-конференција се заканија дека ќе престанат со производството на леб доколку стапи во сила мерката за замрзнување на неговата цена.
„360 степени“ утринава се обиде да стапи во контакт со претседателот на групацијата Горан Малишиќ, за да добиеме одговор дали се остварува заканата дека нема да се доставува бел и полубел леб. Но, тој не одговори на нашиот повик ниту на испратената порака.
Во маркетите и на социјалните мрежи граѓаните веќе реагираат дека не можат да најдат бел или полубел леб.
„’Нема леб у оваа држава’; ‘Владата си го одржа зборот, ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб!’; ‘Пекарската индустрија исто така си достоја до зборот, нема леб по рафтовите во продавниците’; Си ги ‘мерат’ врз грбот на народот’; ‘Ако у сред криза малите пекари можеа да продаваат евтин леб, можат и големите’; ‘Малите испаднаа народни луѓе’; ‘Плачењето не ви помага, не е ова прво воено профитерство на овие простори, многу добро знаеме како функционира тоа’“,
се само дел од реакциите на Твитер.
Владата си го одржа зборот,ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб!
— Лудиот Макс. (@aP41IWsLgUTQD1T) March 1, 2023
Пекарската индустрија исто така си достоја до зборот,нема леб по рафтовите во продавниците.
Си ги “мерат” врз грбот на народот.
Ако у сред криза малите пекари можеа да продаваат евтин леб, можат и големите. Малите испаднаа народни луѓе. Плачењето не ви помага, не е ова прво воено профитерство на овие простори, многу добро знаеме како функционира тоа.
— Капетански Дневник?☠️ (@BlackTaurus7) March 1, 2023
Турканици можеа да се забележат пред помалите пекарници и бурекчилници кои произведуваат бел и полубел леб и го продаваат само во нивните објекти, а не го дистрибуираат.
Одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб ќе важи до 31 мај годинава.
Замрзнувањето на цената министерот за економија Крешник Бектеши ја оправдува со анализите што ги имаат направено во соработка со Државен пазарен инспекторат и со одредени пекарници, членки на групацијата на пекарници во нашата држава.
Според математиката што ја објасни Бектеши, за брашно, квасец, сол и адитиви потребни се 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари и вкупната производна цена е 21,2 денари. На оваа цена се додава заработката на пекарите која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ. Крајната цена во маркетите е 32 денари.