Денеска системите се вратени во нормално функционирање и сите професионални корисници, како и граѓаните можат да ги користат услугите на Агенцијата за катастар на недвижности, а сите податоци се безбедни и не се злоупотребени од страна на напаѓачите

Системите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) од денеска се вратени во нормално функционирање, сите професионални корисници и граѓаните можат да ги користат нејзините услуги, а податоците се безбедни и не се злоупотребени при компјутерскиот напад на надворешната инфраструктура на АКН и нејзините јавни сервиси, што беше детектиран на 22 месецов, потврдуваат од Агенцијата.
„На 22 октомври во 08:20 часот од страна на ИТ-секторот детектиран е компјутерски напад во надворешниот систем на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија при што е констатирано дека упадот е на надворешната инфраструктура со што е извршено напад на достапноста на јавните сервиси на Агенцијата“,
велат од АКН.
Од таму додаваа дека проблемот бил пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT при Агенцијата за електронски комуникации и Секторот за компјутерски криминал во МВР.
„Во текот на деновите од сабота 22.10.2022 до вторник 25.10.2022 година, Секторот за информатички технологии во АКН интензивно работеше на санирање на настанатиот проблем. Денеска системите се вратени во нормално функционирање и сите професионални корисници, како и граѓаните можат да ги користат услугите на Агенцијата за катастар на недвижности“,
информираат од АКН и додаваат дека сите податоци се безбедни и не се злоупотребени од страна на напаѓачите.
Од Агенцијата за катастар на недвижности велат дека вакви неовластени упади или прекини во функционирањето на системите и сервисите кога интенцијата е сите процеси да бидат дигитализирани, а во насока на поефикасна услуга кон граѓаните и бизнис заедницата, потенцираат од Катастарот, не се ништо непознато не само кај нас туку и во други држави.