Ова на Твитер го објави Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чија земја има добри односи и со Русија и со Украина, и е еден од посредниците во мировните преговори
Турција сака да ја види призната независноста на Украина и работи напорно за да се постигне мир, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за време на партиски собир во Анталија, пренесува Си-ен-ен.
Турција има силни врски и со Украина и со Русија.
„Силно се спротивставивме на анексијата на Крим во 2014 година. Ако светот дадеше соодветен одговор на анексијата на Крим, немаше да бидеме во оваа ситуација денес“,
рече Чавушоглу.
Тој верува дека двете страни се блиску до договор во фундаменталните области. Независноста на Украина е меѓу условите за кои се разговара, а Турција сака да се гарантира. Заедно со Советот за безбедност на ОН и Германија, Турција сака да биде гарант за независноста на Украина.
Ибрахим Калин, портпаролот на претседателот Реџеп Таип Ердоган, со објави на Твитер, потврди дека Турција продолжува со напорите за ставање крај на војната во Украина. Тој цитираше делови од своето интервју за „Ал Џезира“ и го објави следното: „Хуманитарните последици од ден на ден стануваат се потешки. Нема да има победници во оваа војна. Мировен договор не е невозможен“.
Калин додаде: „Најтешките услови за договор се барањето на Русија за признавање на анексијата на Крим под Русија и признавање на т.н. независност на две републики во регионот Донбас. Тие се главните прашања и мислам дека за нив е најтешко да се постигне договор. Останатите четири теми на дискусија се неутралност на Украина, разоружување и безбедносни гаранции за Украина и работата на т.н. денацификација“.
Двајцата функционери истакнаа дека претседателот Реџеп Таип Ердоган има континуирана комуникација и со руските и со украинските претставници во овој процес за да се стигне до крај на војната.