Регионалниот гувернер на Киев, Олексиј Кулеба, истакна дека најмалку 50.000 цивили биле евакуирани од борбените зони северно и северозападно од главниот град рано утринава, а властите продолжуваат со спасувачките напори
Украинскиот претседател Володомир Зеленски денеска повика на мировни преговори со цел да запре руската инвазија врз Украина.
„Преговорите за мир, за безбедност за нас, за Украина – се единствената шанса Русија да ја намали штетата од сопствените грешки. Време е за средба. Време е за разговор. Време е да се врати територијалниот интегритет и правдата за Украина. Во спротивно, загубите на Русија ќе бидат толку големи, што неколку генерации нема да бидат доволни за да се опорават“,
рече Зеленски.
Зеленски реагираше и на настапот на рускиот лидер Владимир Путин кој за време на патриотскиот митинг на стадионот Лужники во Москва, пред десетици илјади Руси ја пофали „специјалната воена операција“ во Украина како „херојска“ мисија на руската војска .
„Сто илјади луѓе пред стадионот, заедно со 95.000 во самата арена, приближно одговараат на бројот на руски војници кои влегоа во Украина. Замислете 14.000 мртви тела на овој стадион со уште неколку десетици илјади ранети и осакатени“,
рече Зеленски и повика на итен прекин на огнот.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Регионалниот гувернер на Киев, Олексиј Кулеба, истакна дека најмалку 50.000 цивили биле евакуирани од борбените зони северно и северозападно од главниот град рано утринава, а властите продолжуваат со спасувачките напори.
Советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович денеска рече дека избиле неколку борби меѓу руските и украинските сили на аеродромот Чернобаевка, во близина на Керсон во јужниот дел на Украина.