Со договорот со конзорциумот што го предводеше белгиската компанија „Кресцент“ се предвидуваше во општината да се постави ЛЕД-осветлување со кое ќе се намалат сметките за струја, да се обезбеди систем за изнајмување електрични тротинети и велосипеди, да се постават дигитални информативни дисплеи и да има бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили
Се изјалови јавно-приватното партнерство со кое Аеродром требаше да стане смарт-општина. За разлика од гласната најава лани пролетта дека локалната самоуправа избрала приватен партнер и потпишала договор со него, јавно не беше соопштено дека договорот е раскинат само три месеци по неговото потпишување, пишува порталот „Призма“ во својата сторија „Поништен договорот за Смарт Аеродром“.

Со договорот со конзорциумот што го предводеше белгиската компанија „Кресцент“ се предвидуваше во општината да се постави ЛЕД-осветлување со кое ќе се намалат сметките за струја, да се обезбеди систем за изнајмување електрични тротинети и велосипеди, да се постават дигитални информативни дисплеи и да има бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили.
Во март, тогашниот опозициски лидер, а сегашен премиер Христијан Мицкоски, не чекајќи ја реализацијата на проектот, објави дека Аеродром „стана првата смарт-општина во Македонија“. Тој, оваа изјава ја даде кога поранешниот градоначалник Тимчо Муцунски и претставникот на белгиската компанија „Кресцент“, Ерик ван Зеле, го потпишаа договорот за јавно-приватно партнерство вреден десет милиони евра.
Требаше да трае 13 години, во кои конзорциумот предводен од „Кресцент“ ќе инвестираше, а за возврат општината месечно ќе им исплаќаше 72,5 отсто од комуналната такса за јавно осветлување.
Но, на трети јуни, договорот го поништува Муцунски, кој во тој период сè уште е прв човек на општината. Тој носи одлука за еднострано раскинување поради неисполнување на обврските од страна на приватниот партнер.
„Призма“ ја доби одлуката од Општина Аеродром. Во неа се наведува дека јавното-приватно партнерство се раскинува поради „битна повреда на обврските од приватниот партнер, односно поради недоставување банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на обврските од договорот“.
Целата сторија прочитајте ја на следниот линк.