Вкупната медиумска пропаганда на партиите во предизборието чини над 2,5 милиони евра, се вели во истражувањето на „Призма“. Со овие пари треба да се платат рекламите во телевизиите, радијата, весниците и на порталите.
Од нив, најмногу, речиси два милиона евра добиле телевизиите (во преден план националните), нешто над половина милион, односно 550 илјади евра – порталите, 150 илјади евра – радијата, а весниците најмалку – нешто над 40 илјади евра.
Четири компании за рекламирањето на политичарите од билбордите, паноата и постерите вкупно треба да добијат речиси 600 илјади евра, поточно 591 илјада евра. Со тоа, вкупната сума надминува 3 милиони евра.
Партиите во извештаите ги пријавиле и парите што треба да им бидат исплатени на продукциските куќи за изработка на изборните спотови, како и на пиар-агенциите.
Убедливо најмногу пари од сите партии и коалиции за рекламирање во медиумите потрошиле двете најголеми коалиции предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Нивната изборна пропаганда заедно чинела речиси два милиони евра, поточно 912 илјади евра ВМРО-ДПМНЕ, односно 916 илјади евра СДСМ.
Целото истражување може да го прочитате тука.