Скапо ќе нè чинат застарувањата на случаите за висока корупција по измените во Кривичниот законик, пишува порталот
Поранешниот градоначалник на скопската Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, е првиот што ги почувствува поволностите што ги донесоа измените на Кривичниот законик, пишува порталот „Призма“ во анализа за отштетата што на име судски трошоци ќе треба да им се исплати од државниот буџет на поранешни функционери против кои се водат постапки, доколку поради измените на КЗ судот утврди застарување на кривични дела за кои се гонат.

Тодоровиќ, како што потсетува „Призма“ на почетокот на анализата, во јуни беше осомничен во истрагата „Феникс“ дека како функционер ја злоупотребил службената положба и овластување за проектот „Скопје 2014“.
Оттогаш до минатиот петок тој беше во куќен притвор. По предлог на обвинителот, судот му го укина ова ограничување на слободата.
Причината за тоа е што делото за кое беше осомничен, според измените на КЗ што стапија во сила на 15 септември, му застарува годинава. Истрагата за него сѐ уште не е запрена, но, според најновите законски измени, извесно е дека тоа ќе се случи, бидејќи дејствијата ги сторил до 2013, па наместо во 2043, делото целосно му застарува годинава.
A потоа, во моментот кога истрагата ќе биде запрена, Тодоровиќ, од судот може да бара да му биде исплатена отштета поради тоа што два и пол месеца неосновано бил во куќен притвор.
Надомест за притворот кој со запирањето на истрагата би бил неоснован, може да побараат и обвинетите функционери за кои настапува застареност на кривичното гонење.
И не само тоа. Ним треба да им бидат исплатени судските трошоци за водењето на постапките.
Од јавното обвинителство, за БИРН велат дека на проширен колегиум, најверојатно следната недела ќе ги разгледуваат прашањата за промените на Кривичниот законик, но дека секој јавен обвинител ќе се води според индивидуалните предмети што ги застапува пред судот.
Тоа значи дека таму каде што ќе биде можно, би се одело со преквалификација на делото, а онаму каде што не може, судот ќе донесе одбивателни пресуди. Вчера, на пример, беше одложено судењето за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“ бидејќи oбвинителот побара време да проучи како ќе влијаат измените врз овој предмет.
Целата анализа на „Призма“ може да ја прочитате ТУКА.