Министерството за внатрешни работи во денешниот билтен објави дека е приведено лице кое е осмничено за опожарување на автомобилот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристоски од Прилеп.
„На 20.07.2022 во полициска станица во СВР Битола-ОВР Прилеп е приведено едно лице, кое е осомничено во врска со пријавата во 01.45 часот дека на ул.„Цар Самоил“ во Прилеп настанал пожар во патничко возило „шкода кодиак“, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на П.Р.(45) од Прилеп, од кој било зафатено и патничко моторно возило „пежо 206“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на неговиот татко Б.Р.. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема. Увид извршила увидната екипа на ОВР Прилеп и во координација со Јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од МВР.
Претходно пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, преку фејсбук статус обвини дека синоќа е запален автомобил на неговиот сопартиец и пратеник, Петар Ристоски, од Прилеп. Ковачки тврди дека автомобилот е запален, оти Ристоски претходно јавно кажал дека нема да гласа за промена на Уставот. Посочи и виновници.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на лице место на локацијата каде синоќа е запален автомобил во пратеникот Петар Ристоски од ВМРО-ДПМНЕ.