СДСМ излезе со соопштение со осуда на палењето на возилото на пратеникот и побара надлежните институции да го расчистат случајот
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на лице место на локацијата каде синоќа е запален автомобил во пратеникот Петар Ристоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„По наредба на јавниот обвинител беа подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот. Јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на фејсбук објави дека синоќа бил запален автомобилот на неговиот сопартиец и Ристоски претходно јавно кажал дека нема да гласа за промена на Уставот. Посочи и виновници.
„Кукавички чин позади кој сум убеден дека стојат платеници инспирирани од предавничкото раководство на СДСМ. Платеници се затоа што нема нормален и здрав Македонец, кој поради верба во нешто, освен за добра сума на пари би направил таков чин на насилство против пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е напад на пратеник и ова е сериозен удар и назадување во демократијата“,
обвини Ковачки.
СДСМ излезе со соопштение со осуда на палењето на возилото на пратеникот и побара надлежните институции да го расчистат случајот.