Информацијата вечерва ја потврдија од Државниот инспекторат за животна средина
Државниот инспекторат за животна средина вечерва ја потврди информацијата дека попладнево е приведен инспектор во Кичево под сомнение дека примил поткуп, што ја објави Фронтлајн.
Инспекторот е осомничен за примање поткуп за да не изврши контрола на плац за продажба на делови од хаварисани возила.
Наводно поткупот бил 200 евра, пари кои претходно биле обработени од полицијата. Од МВР потврдуваат дека попладнево имало апсење, но повеќе детали најавуваат по завршувањето на акцијата.
Од ДИЖС вечерва соопштија дека денешното апсење државен инспектор за животна средина заради сомневање дека примил поткуп е доказ за решеноста да се пресметаат со корупцијата и да ја вратат довербата во институциите.
Очекуваат надлежните органи детално да го истражат случајот со цел негово решавање во согласност со законот.
„Нема да дозволиме злоупотреби на службената положба. Одлучни сме да застанеме на патот на корупцијата која е составен дел на криминалот во животната средина“,
се вели во соопштението.
Од Државниот инспекторат за животна средина посочуваат дека го осудуваат секој обид на инспекторите да остварат материјална корист од прикривање законски прекршувања на загадувачите.