Средбата со градските власти доаѓа откако приватните превозници најавија нови блокади на крстосниците и булеварите

Приватните автобуски превозници утрово, како што беше и најавено, се на средба во Град Скопје со цел наоѓање решение на проблемот со кој се соочуваат приватниците откако им беа одземени лиценците за работа, а на двата јавни повици од Градот не се јави ниту еден превозник. Средбата не се знае до кога ќе трае, но превозниците се надеваат на добар исход.
Средбата со градските власти доаѓа откако приватните превозници најавија нови блокади на крстосниците и булеварите.
Вчера приватните превозници на протест излегоа во скопската населба Ченто.
Приватните превозници на 30 јануари излегоа пред управната зграда на ЈСП „Скопје“ од каде што побараа средба со директорот Александар Стојковски за да им даде објаснување зошто шест месеци немаат земено ниту денар од средствата што им ги должи претпријатието.
Како што изјави приватниот превозник Јовица Зафировски, кој се обрати во името своите колеги, доведени се на раб на егзистенција бидејќи веќе три месеци не работат. Тој информира дека им биле префрлени само, како што рече, понижувачки 5 000 денари.
Вчера градоначалничката Данела Арсовска во интервју за МИА рече дека градот и скопјани претрпеле сериозна штета од постапките и однесувањето на приватните автобуски превозници.
„Верувам дека со нив треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје“,
рече Арсовска.
Според неа, понудата на Градот за ангажирање на приватните превозници преку јавните повици било во најдобар интерес на сите, но бидејќи никој не се пријавил на нив, таа тема, според неа, веќе е затворена.