Приватните превозници на 30 јануари излегоа пред управната зграда на ЈСП Скопје од каде што побараа средба со директорот Александар Стојковски, за да им даде објаснување зошто шест месеци немаат земено ниту денар од средствата што им ги должи претпријатието. Доколку не наидат на слух од никого, претставниците на приватните превозници најавија дека тогаш единствен излез ќе биде повторно излегување на протести
Градот и скопјани претрпеа сериозна штета од постапките и однесувањето на приватните автобуски превозници. Верувам дека со нив треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје, вели во интервју за МИА скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Според неа, понудата на Градот за ангажирање на приватните превозници преку јавните повици било во најдобар интерес на сите, но бидејќи никој не се пријавил на нив, таа тема, според неа, веќе е затворена.
„Објавивме јавни повици и ги повикавме сите коишто имаат намера и коишто декларативно кажуваат дека и претходно чесно работеле и чесно ја вршеле својата дејност и сега да пристапат кон тоа и да можат да ја работат чесно работата во којашто практично се вложиле себеси или инвестирале за да ја вршат како дејност. Меѓутоа, за жал, никој од нив не се охрабри, не се појави на тој јавен повик, со што сметам дека оваа тема е и затворена“,
истакна Арсовска.
На прашањето дали сепак ќе се бара некое решение или превозниците ќе останат колатерална штета во целата приказна, Арсовска вели дека пред да се предизвика целиот хаос во градот, требало да се размислува за реперкусиите за сите граѓани на Скопје.
„Затоа што некој свесно ги довел во состојбата во која што се, сега имаме свесно креиран предизвик во Градот Скопје, со којшто ЈСП се обидува да се справи и да доведе до тоа да имаме примарно квалитетна услуга за скопјани во делот на јавниот превоз. Во овој момент Градот Скопје е фокусиран да најде квалитетно системско решение и да изготви реформа во јавниот превоз, која мора да биде нешто што ќе го опфати целиот град и сите места каде што сега или ретко или, пак, воопшто не сообраќаат автобуси“,
додаде Арсовска нагласувајќу дека повеќе од 40-ина години не е направена сообраќајна студија во Градот.
Во врска со одлуката на градскиот Совет да не го поддржи предлогот за задолжување на Градот Скопје за набавка на нови еколошки автобуси, Арсовска смета дека во овој случај одговорноста паѓа на советниците кои ги прават тие „кочници“ од политичка природа.
Приватните превозници на 30 јануари излегоа пред управната зграда на ЈСП Скопје од каде што побараа средба со директорот Александар Стојковски, за да им даде објаснување зошто шест месеци немаат земено ниту денар од средствата што им ги должи претпријатието.
Како што изјави приватниот превозник Јовица Зафировски, кој се обрати во името на останатите свои колеги, доведени се на раб на егзистенција бидејќи веќе три месеци не работат. Тој информира дека им биле префрлени само, како што рече, понижувачки 5 000 денари.
Доколку не наидат на слух од никого, претставникот на приватните превозници изјави дека тогаш единствен излез ќе биде повторно излегување на протести.
Прашан зошто не се пријавиле на огласот распишан од Град Скопје, Зафировски рече дека не можеле да се пријават на него затоа што биле понудени само две можности за линии.
„Ние сме 16 линии. Не можеме да се поделиме. Овде сме 135 фирми, како што кажав, ние сообраќаме 30 години на овие линии, значи мора сите да бидеме активни“,
одговори Зафировски.