По шест дена во бегство, советникот на ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини и неговиот брат од претпладнево се наоѓаат во притвор.
Од МВР за „360 степени“ потврдија дека браќата Усеини се притворени пред околу еден час, во притворското одделение во затворот во Охрид.
Тие се товарат за насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски, за што судот им одреди мерка притвор од 8 дена.
После инцидентот што се случил пред познат хотел во Охрид, Топалоски во полиција пријавил дека врз него бил извршен физички напад, како и дека биле упатувани закани кон него и кон неговиот малолетен син со огнено оружје од страна на Усеини и уште неколку лица.
После тоа, пак, тој излезе со друга изјава во која вели дека написите што излегоа во јавноста се извадени од контекст. Рече дека во расправијата не видел оружје, дека се работи за недоразбирање кое е надминато и дека Усеини бил и ќе биде негов пријател.