Според Обвинителството, осомничениот откако ја репетирал пушката им наредил на двајцата присутни во објектот да легнат на под, а потоа од фиоките на касите одзел точно 329 780 денари или околу 5 400 евра
Дваесет и осумгодишен жител на селото Непроштено е осомничен и одредена му е мерка притвор откако завчера вооружен со автоматска пушка извршил разбојништво во казино во Лешок.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донел наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот, кој се товари за кривичните дела разбојништво и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи.
Во краткиот опис на случајот, за кој денеска информираше републичкото Јавно обвинителство, осомничениот на 24 април, со фантомка на главата и вооружен со автоматска пушка, оружје кое е забрането да го поседуваат цивилни граѓани, влегол во казиното во Лешок и им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно лице присутно во објектот.
Откако ја репетирал пушката им наредил на двајцата да легнат на подот, а потоа од фиоките на касите одзел точно 329 780 денари или околу 5 400 евра.
Надлежен јавен обвинител од ОЈО Тетово побарал, а Судот прифатил и му одредил триесетдневен притвор на 28-годишниот жител на Непроштено поради опасност од бегство, можност да влијае на сведоците и да го повтори делото.