Единствениот осомничен за убиството на 60-годишната жена пред два дена, попладнево е спроведен во затворот КПУ Скопје во Шутка. На Бајрам И. (67) од Гостивар, судија на претходна постапка од Основниот суд Гостивар му определи мерка притвор во траење од 30 дена, откако му беше поднесена кривична пријава за убиство.
По осомничениот Бајрам И. полицијата трагаше повеќе од триесет часа и вчера попладне го пронајде во акција на локален пат помеѓу гостиварските села Страјане и Трново. По апсењето, тој бил задржан во полициска станица Гостивар, каде по сослушувањето, денеска бил изведен пред судија на претходна постапка со кривична пријава за убиство.
Гостиварецот, непосредно по откривањето на телото на неговата сопруга исчезнал и според пријавата бил единствен осомничен за убиството.
Настанот ја вознемири гостиварската јавност, најмногу поради свирепото убиство. Јавното обвинителство соопшти дека шеесетгодишна Џ.И. била најдена мртва со соба од семејната куќа со повеќе рани нанесени со секира и нож.
Според првичните информации, до трагедијата дошло по настаната расправија поради нарушени меѓусебни односи.