На барање на Основното јавно обвинителство од Скопје, Кривичниот суд одобри 48 часа притвор за лице, инволвирано во вооружениот инцидент што се случи на 1 март во скопската населба „Ѓорче Петров“.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по поднесеното писмено известување од Министерството за внатрешни работи, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување краткотраен притвор од 48 часа против едно лице, косовски државјанин. Ваквата мерка беше побарана со цел да се обезбедат докази за евентуална инволвираност на тоа лице во кривично-правниот настан. Предлогот на јавниот обвинител беше прифатен и на лицето со решение му е определен краткотраен притвор од 48 часа“,
информираат од Обвинителството.
За истиот настан уште едно лице беше лишено од слобода, но тоа лице е пуштено бидејќи од Министерството за внатрешни работи не беа обезбедени и приложени докази за негова инволвираност.
„Надлежниот јавен обвинител денеска издаде повеќе наредби за вештачење на биолошки траги, на чаури од испукани куршуми и други наредби за обезбедување докази. Од добиените резултати од наредените вештачења зависи дали ќе се потврди директната инволвираност во настанот на лицето за кое беше определен краткотраен притвор. По изготвување на овие вештачења, согласно Законот за кривична постапка, Обвинителството ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката“,
информираат од Обвинителството.
Инцидентот се случи на 1 март околу 16 часот на кружниот тек во скопската населба Ѓорче Петров, кога од возило во движење марка „голф 5“ е пукано кон друго возило марка „мерцедес“.
Во инцидентот полесно е повреден полициски службеник, З.Р. кој веднаш бил превезен во ГОБ „8 Септември“.