Попладнево пристигнаа нови 11 700 дози од вакцината на производителот „Фајзер“ од кои 7 020 се преку директни преговори со производителот, а 4 680 дози се од Европската унија како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“, информира министерот за здравство Венко Филипче.
„Оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан ја координира Австрија. Количините на вакцини постојано се дополнуваат, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинација на www.vakcinacija.mk“,
објави вечерва на својот Фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.
На вакциналните пунктови во државата, заклучно со сабота 29.5.2021, вакцинирани се вкупно 234 508 граѓани. Прва доза вакцина во саботата примиле само 597 граѓани, а вкупно се вакцинирале 10 792 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 315 781 дози вакцини, а ревакцинирани се 81 273 граѓани.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура, лица со ретки болести и хронично болни. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во „А1 арената“ во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Со последните бројки 47 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Досега бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 431 770 граѓани.